mercredi 15 mai 2019

Проект на размена Скопје-Пирот 2019. Projet d'échange Skopje-Pirot 2019

Проект на размена Скопје-Пирот,  08-12.05.2019




Projet d'échange Skopje-Pirot, 08-12.05.2019



ИЗВЕШТАЈ ЗА ОСТВАРЕНАТА УЧИЛИШНА РАЗМЕНА  И РЕАЛИЗИРАНИОТ ИНТЕРДИСЦИПЛИНАРЕН ПРОЕКТ „АЛТЕРНАТИВНИ НАЧИНИ НА ТРАНСПОРТ НАСПРОТИ ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА“
 СКОПЈЕ-ПИРОТ
08-12 мај 2019
Во рамки на постоење на билингвална франкофонска настава, нашата гимназија има остварено повеќе  училишни размени со Р.Франција, Р.Србија и Романија.
Оваа година на покана од Гимназијата „Пирот“, од градот Пирот, Р. Србија, во периодот од  08 -12 мај, 19 ученици од прва година, билингвална франкофонска паралелка и 2 професори одговорија на поканата и беа гости во нивната гимназија.
На 08 мај, според предвидената програма, го посетивме Францускиот Институт во Ниш, каде бевме топло пречекани од  Директорот на  Францускиот Институт и останатите вработени. Тие не запознаа со нивната работа, која е улогата на институтот, со што се занимаваат, кои активности ги поддржуваат, организираат и сл. Домаќините се интересираа и разговараа со нашите ученици за нивната мотивација и интереси за изучување на францускиот јазик.
Потоа, го разгледавме градот Ниш, тврдината и значајните културно-историски знаменитости. Околу 17 часот пристигнавме во Пирот каде бевме пречекани од Директорот на Гимназијата, колегите вклучени во билингвалната франкофонска настава и семејствата каде  нашите ученици беа сместени за време на 4-дневниот престој во Пирот.
Следниот ден 09 мај,  во 9 часот  во гимназијата,  Директорот одржа поздравен говор и ни посака добредојде како и убав престој и заедничко дружење на учениците и колегите од гимназијата “Орце Николов “ од Скопје  и Гимназијата  „Пирот“ од Пирот.
За настанот имаше медиумска покриеност од неколку локални телевизии и весници  кои снимаа и земаа изјави од Директорот, од нас колегите и од неколку ученици .
Потоа , според програмата на домаќините, следуваше часот по географија. Учениците-домаќини имаа подготвено презентација за Пирот и околината, местоположба, оддалеченост, културни знаменитости, цркви манастири и сл.
Потоа нашите учениците требаше да се логираат на интернет на платформата Kаhoot и да одовараат на прашања кои беа во врска со претходната презентација, а истовремено  и се натпреваруваа која група ќе победи. Потоа следуваше работа во парови на нашите ученици заедно со домаќините на мапа од градот на која требаше да се лоцираат значајните објекти и споменици од градот Пирот и да ја нацртаат патеката од училиштето до  Тврдината. Учениците добија и друга задача: секоја група треба да најде одреден објект во градот и да направи фотографија од истата а потоа сите групи заедно да направат презентација која треба да се презентира во училиштето истиот ден.  Сите заедно ја посетивме тврдината со водич кој зборуваше за постоењето и историското значење, како и Музејот на Градот „Понишавје“, каде се снимани филмовите Зона Замфирова и Ивкова Слава, а учениците правеа и фотографии од објектите кои ги имаа како задача. По враќањето во училиштето, група ученици ги собираше фотографиите и правеше презентација која потоа беше презентирана пред сите присутни учесници. Притоа секоја група по завршување на својата презентација доби и пригоден подарок од училиштето, а во соработка со Туристичкиот сојуз од градот Пирот.
Следуваше презентацијата на нашите ученици кои работеа на  проектот на француски јазик „Алтернативни начини на транспорт наспроти предизвиците на животната средина“. Најпрвин ја презентиравме нашата земја Република Северна Македонија, како и нашата гимназија „Орце Николов“, а потоа следуваше презентацијата на проектот: ресурси, загадување, предлог-мерки за намалување на загадувањето и ефекти, пораки против загадувањето. Изработените флаери на темата и брошура на француски јазик подготвена од  нашите ученици во врска со темата им беа поделени на домаќините.
Следната група ги презентираше алтернативните начини на транспорт и последна беше групата која имаше направено истражување во врска со превозните средства и нивната употреба.
Следуваше кратка пауза за ручек а потоа и час со лекторот од Франција.
На 10 мај во претпладневните часови учениците учествуваа на часови по Биологија со Спорт и час по Хемија. Беа поделени во две групи . Една група на час Биологија и Спорт а другата на Хемија, а потоа обратно .
На часот по Спорт и Биологија домаќините имаа организирано „Игри без граници“ на кои учениците  се натпреваруваа и се забавуваа. Додека на часот по Хемија имаа лабораториски вежби во кои се изведуваа експерименти. Учениците беа воодушевени од резултатите кои ги остваруваа на крај од реализираната практична задача.
Следуваше пауза за ручек . Во попладневните часови учениците пак следеа часови со лекторот од Франција  кој оваа година работи во Гимназијата во Пирот. Работилницата и интерактивниот начин на работа беа многу значајни за нашите ученици и позитивно оценети од нивна  страна.
Во вечерните часови домаќините имаа подготвено пригодна француска вечер на поезија и музика. Настапи  хорот на училиштето, потоа неколку шансони испеани од ученик и ученичка  во придружба на хорот, следеа  ученици кои свиреа на виолина и клавир  како и ученици кои читаа поезија.
На 11 мај  учениците и професорите имаа огранизирано од семејствата и училиштето прошетка во околината на Пирот и посета на значајни манастири и природни убавини на Стара Планина. Тоа беше прекрасно и незаборавно  дружење .
Утредента на 12 мај во утринските часови заминавме од Пирот со незаборавни искуства и спомени.
                                                                                                        
Скопје                                                                                            Координатор на проектот:
26 мај, 2019                                                                                 Анастазија Белевска- Велчовска

Aucun commentaire:

Archives du blog

Qui êtes-vous ?

Ma photo
Skopje, North Macedonia
Професор по хемија и координатор за билингвална франкофонска настава и проекти во СУГСГ „Орце Николов“ Скопје Professeur de chimie et coordinatrice de l'enseignement bilingue francophone et des projets bilingues français-macédonien au lycée "Orce Nikolov" de Skopje http://effetporcenikolov.blogspot.com/?fbclid=IwAR0556OHlk8PTGjEPw3SsTCWNK3izy-gfEzJHjmBLkn63zQ1UMdWbZm7V7c